Макпетрол го израмни рекордот на Кометал Ѓорче Петров

0
186
Кугларите на скопски Макпетрол со минималната победа (4,5-3,5) над 18 Август 2016 остварена изминатава сабота, практично на три кола до крајот на годинашнава натпреварувачка сезона ја одбранија ланската титула во домашното првенство. Тоа можеби и не е нешто ново во домашното куглање, со оглед на квалитетот на кугларите што со години ги бранат клупските бои, но ново е тоа што „нафташите“годинава ја освоија државната титула 16-ти пат во низа (2001-2016), а со прекин имаат вкупно 17, со што го израмнија рекордот што досега го држеше некогашниот европски првак во ракомет за жени Кометал Ѓорче Петров (17). Сепак, ракометарките и понатаму се први во Македонија според по бројот на последователно освоени титули (17). Тоа сигурно ќе биде и следниот предизвик на Макпетрол.

– Голема чест ми е што сум предводник на оваа генерација куглари, која пишува историја во македонскиот спорт. Цврсто верувам дека истите куглари ќе имаат набргу можност не само и да го надминат рекордот на Кометал Ѓорче Петров туку да ја сошијат и втората ѕвездичка на логото на KK Макпетрол, односно да стигнат до престижните 20 првенствени титули – оптимист е Виктор Николовски, тренерот и играч на Макпетрол.

Покрај сегашниот состав, во минатото долги години жолтиот дрес го носеле Воислав Делов, Димитар Димитровски и прославениот Тодор Манев, кој многу години беше заштитен знак на „нафташите“. Покрај доминацијата во Македонија, кугларите на Макпетрол пред четири години беа втори во Купот НБЦ.

Ако Макпетрол продолжи во истиот стил, тогаш сигурно дека на удар ќе биде актуелниот рекордер според бројот на последователно освоени титули во екипна конкуренција, женскиот ракометен клуб Кометал Ѓорче Петров. Некогашниот европски првак беше неприкосновен цели 17 години во домашниот шампионат (1993-2009), кога беше предводен и од Индира Кастратовиќ, Гордана Нацева, Милева Велкова, Мирјана Чупиќ, Олга Бујанова, Лариса Кисељова, Анжела Платон, Андријана Будимир, Наталија Тодоровска… Ѓорчепетровки во 2002 година успеаја и да триумфираат во Лигата на шампионките (ЛШ), победувајќи го во финалниот двомеч унгарски ХЕРЦ, а уште двапати (2000 и 2004) играа во финалето на ЛШ.

Покрај Макпетрол, на делба на второто место според бројот на последователни титули во домашните првенства е и скопскиот машки одбојкарски клуб Работнички. „Железничарите“ тоа го сторија еднаш помалку од „кометалки“, односно 16 години во низа (1995-2010). Во тој период Работнички еднаш беше учесник на фајналфор-турнирот во тогашниот Топ-тимс куп на Европската одбојкарска федерација, трето натпреварување по ранг.

НЕКОИ ПРВАЦИ ВО НИЗА
Кометал ЃП (ракомет, жени)    17    17
Макпетрол (куглање, мажи)    16    17
Работнички (одбојка, мажи)    16    16
Работнички (кошарка, мажи)    7    14
Форца волеј (одбојка, жени)    7    7
Работнички (одбојка, жени)    6    11

првата колона е за бројот на титули по ред, а втората за вкупниот број титули

КК МАКПЕТРОЛ
Сашо Трпковски – капитен
Ибрахим Мемеди
Александар Соколовски
Игор Беличански
Горан Стојановски
Дане Јакимовски
Ивица Матиќ
Александар Карталов
Кристијан Костов
Мартин Тодоровски
Виктор Николовски, тренер и играч
Николче Крстев – секретар
Љубомир Тодоровски – претседател

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here