Македонија има бисери – традиционални спортски манифестации

0
162

Македонија со десетината неколкудецениски спортски манифестации сѐ повеќе се афирмира и е препознатлива во странство, а за речиси 70-те години, со турнири, мечеви, трки.. одржани се над 358 изданија. Тие со својата долга традиција привлекуваат сѐ повеќе познати и признати странски спортски имиња, да покажат што знаат и умеат во многу спортови.
Шарпланинскиот куп во алпско скијање е најстарото скијачко меѓународно натпреварување на Балканот. Во далечната 1947 година на падините на Шар Планина се одржал првиот Куп, на кој настапиле репрезентациите на Унгарија, Романија, Бугарија, како и селекциите на сите републики на поранешна СФР Југославија, вклучувајќи ја и Македонија.

Во 1954 година Шарпланинскиот куп влегува во календарот на натпреварувањата на Интернационалната скијачка федерација (ФИС), а многу од неговите победници биле големи скијачки асови. Досега со прекини, се одржале вкупно 40, а три години во низа редовен гостин беше и некогашната скијачка легенда, Словенецот Бојан Крижај. По три години пауза Скијачката федерација на Македонија најави дека Купот ќе се одржи во февруари како одбележување на седум децении од неговото основање.

Белите спортови можат да се пофалат и со бројот на воопшто одржани меѓународни манифестации кај нас. Тој епитет му припаѓа на традиционалниот Мавровски меморијал во нордиско скијање, кој се одржува на падините на планината Бистра. Од далечната 1962 година досега се одржани вкупно 53 вакви манифестации, што е апсолутен рекорд во Македонија. И двете манифестации секоја година се стремат да станат помасовни и поквалитетни. Но за да се оствари ова, ќе треба многу да се работи на планот на подобрување на инфраструктурата, од што би произлегле поголем квалитет и повеќе натпреварувачи.

Македонија многу години е препознатлива и по традиционалниот Охридски пливачки маратон, на кој првпат во 1962 година се нурнале пливачи, а годинава тоа го направија по 30. пат. Маратонот со оглед на атрактивниот период (август), секогаш е проследен со многу кајчиња и многубројна публика на пристаништето во Охрид, каде што маратонците по повеќе од пет часа и испливани 30 км, гордо зачекоруваат на копното.
Боречкиот меѓународен турнир „Македонски бисер“, годинава ја имаше својата 40-та презентација, почната во 1963 година. Борењето е спорт, со кој Македонија може да се пофали со бројот на освоените медали, како и со бронзата на Могамед Ибрагимов на ЛОИ 2000 или европската титула на Бучим.

Спортска манифестација, која, исто така, многу години е присутна на македонската спортска сцена е и традиционалниот меморијален карате-турнир „Никола Грдановски-Нике“, кој се одржува во чест на еден од основачите на КК Металург, негов натпреварувач и тренер, носител на црн појас. Во организација на КК Металург, годинава 35. пат му даде силен печат на нашиот главен град, а настапија 36 клуба со над 260 каратисти од три држави (Србија, Црна Гора и Македонија).
– Меморијалот е најквалитетниот карате-турнир во Македонија, на кој најмногу доаѓаат репрезентативни селекции и екипи од Србија, Бугарија, БиХ, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Турција, Грција, а последниве години имаме и клупски настапи во сите возрасни категории, што му дава уште поголема масовност. Сето ова доволно говори за квалитетот на турнирот, во спорт, на кој Македонија редовно се закитува со медали од најзначајните меѓународни натпреварувања. Токму затоа КК Металург настојува секоја година меморијалот да биде што помасовен и поквалитетен – вели Мирче Јанушевски, тренер на Металург, кој е и актуелен екипен шампион на Македонија.

Секоја година внимание привлекува и меѓународниот меморијален кугларски турнир „Гаврило Гаврилски“, кој во организација на КК Макпетрол, во саботата го имаше своето 22. издание. На него секогаш учествуваат имиња и екипи што се во врвот на светското куглање, што му дава дополнителен квалитет.
Една од „помладите“ спортски манифестации, која веќе стана препознатлива во светот е Скопскиот атлетски маратон, кој од обновувањето годинава го имаше своето 10. издание (со над 7.000 тркачи), а вкупно 12-то, од првиот, во 1997 година. Низ скопските улици трчаат многу шампиони, а маратонот се избори, меѓу другото, да биде и квалификациска трка за олимписки игри. Уште помлад е шаховскиот турнир „Карпош опен“, кој годинава се одржа по шести пат, но и тој привлекува сѐ повеќе и сѐ подобри (веле)мајстори на 64-те црно-бели полиња и стана респектабилен турнир.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here